Во последниот натпревар од неделната програма од 22. коло во италијанското фудбалско првенство, Фиорентина го совлада Лацио со 2:1 на гостински терен и ја прекина серијата од седум натпревари без победа.
Последната победа пред денешната „Виолите“ ја остварија кон средината на декември против ЛАСК во Конференциската лига. Фиорентина потоа одигра седум натпревари без победа, забележувајќи четири порази и три нерешени.
Гостите поведоа во 11. минута со голот на Јакине Адли, а само седум минути подоцна Лукас Белтран го зголеми водството. Адли беше исклучен во 64. минута, но Лацио успеа само да го ублажи поразот со голот на Адам Марушиќ во судиското надополнување.
Со оваа победа Фиорентина се искачи на шестото место со 36 бодови, додека Лацио е четврти со три бода повеќе.
Претходно Интер на гости го совлада Лече со 4:0. Интер поведе во 6. минута со голот на Давиде Фратеси. Во 39. минута зголеми Лаутаро Мартинез, а победата на гостите ја потврди Дензел Дамфрис во 57. минута. Конечните 4:0 ги постави Мехди Тареми од пенал во 61. минута.
Интер е втор со 50 бода, три помалку од водечкиот Наполи, но Интер има натпревар помалку. Аталанта е на третото место со 46 бодови. Лече, пак, е на 17-то место со 20 бодови, првото место над зоната за испаѓање.
Претходно во неделата Рома на гости го совлада Удинезе со 2:1. Домашните поведоа во 38. минута со голот на Лоренцо Лука, но гостите направија пресврт со головите од белата точка кои ги постигнаа Лоренцо Пелегрини во 50. и Артем Довбик во 64. минута.
Рома е деветта со 30 бодови, додека Удинезе е на 11-та позиција со 26 бодови.
Во првиот натпревар во неделата, Милан ја совлада Парма со 3:2 на својот „Сан Сиро“ благодарение на двата гола во судиското продолжение. Парма поведе во 24. минута преку голот на Матео Канчелиери пред Милан да израмни од пенал а голот го постигна Кристијан Пулишик во 38. минута. Десет минути пред крајот на натпреварот, Енрико Дел Прато ја врати Парма во водство, но потоа во судиското надополнување, Тијани Рајндерс и Самуел Чуквуезе постигнаа два гола во интервал од три минути и му донесоа победа на Милан.
Благодарение на оваа победа, Милан е шести на табелата со 34 бодови, додека Парма е 17-та со 20 бодови.