Серија А: Интер убедлив против Удинезе, Аталанта подобра од Милан

Фудбалерите на Интер се вратија на врвот на табелата во италијанскиот шампионат со сигурна домашна победа од 4:0 (3:0) против Удинезе во последниот саботен натпревар од 15. коло.

Натпреварот беше решен во 37. и 44. минута кога Интер постигна три гола. Чалханоглу прво од пенал во 37. минута го проби „бункерот“ на гостите, а набрзо потоа Димарко во 42. и Турам во 44.минута зголемија на недостижните 3:0, додека конечниот резултат го постави првиот стрелец во Серија А, Лаутаро Мартинез во 84. минута.

Водечкиот Интер сега има 38 бода, два повеќе од вториот Јувентус, додека Удинезе остана 16-ти со 12 бодови.

Претходно во саботата, Аталанта победи со 3:2 (1:1) на домашен терен против Милан. Лукман во 38. и 55. минута двапати ги доведуваше домашните во водство, а гостите се враќаа во игра преку Жиру во 45+3 и Јовиќ во 80. минута, но откако Муриел петтата минута од судиското продолжемние на натпреварот го измами Маињан со фантастична „петица“ од полна брзина за 3:2, веќе немаше време за трето израмнување.

Со оваа победа Аталанта скокна на седмото место со 23 бодови, колку што има и шестопласираната Фиорентина, додека третопласираниот Милан остана на 29 бодови.

Во првиот натпревар од саботната програма Верона и Лацио одиграа 1:1 (0:1). Гостите од Рим поведоа со голот на Закањи во 23. минута, но по бројните пропуштени прилики следуваше ново разочарување за нив откако Анри во 70. минута израмни на 1:1.

Лацио е деветти со 21 бод, додека Верона е 17-та со 11 бодови, исто толку колку и 18-от Емполи, кој е во зоната за испаѓање, но кој во понеделник ќе му гостува на Лече.