Повратникот во Серија А, екипата на Џенова и актуелниот шампион Наполи одиграа без победник 2:2 во последниот саботен натпревар од четвртото коло на италијанското фудбалско првенство.
Џенова имаше водство од 2:0 кое го оствари со головите на Матиа Бани во 40 и Матео Ретегви во 56 минута, а Наполи за кој македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас го одигра првото полувреме, до бод дојде со погодоците на Џакомо Распадори во 76 и Матео Политано во 84 минута.
Наполи моментално е на петтата позиција со седум бодови, додека Џенова е 12-та со четири бодови.
Претходно во саботата во миланското дерби Интер беше убедлив со 5:1 против Милан и остана максимален во новиот шампионат. Интер до водството од 2:0 по првото полувреме го доведоа Хенрик Мктаријан во 5 и Маркус Турам во 39 минута. Милан го намали заостанувањето во 57 минута со голот на Рафаел Леао, но Мктаријан со својот втор погодок на наптреварот во 69 минута повторно го одведе Интер на два гола разлика. Десет минути подоцна Хакан Чалханогул реализираше пенал за 4:1, а конечните 5:1 го постави Давиде Фратези во третата минута од судиското продолжение.
Со победата Интере се осамостои на врвот на табелата со максималните 12 бодови, а Милан по трите победи го доживеа првиот пораз и моментално е трет со девет бодови.
Во саботата во Торино се одигра и дербито меѓу домашниот Јувентус и римски Лацио, а со 3:1 триумфираше домашната „Стара дама“. Јуве дојде до водство од 2:0 во првиот дел, кога стрелци беа Душан Влаховиќ во 10 и Федерико Кјеза во 26 минута. Лацио успеа да намали во 64 минута преку Лусо Алберто, но по само три минути Влаховиќ повторно на „бјанконерите“ им донесе предност од два гола кои ги задржаа до крајот на мечот.
Јувентус сега има десет бодови и е на второт место на табелата, а Лацио го доживува еден од најслабите почетоци на сезоната во својата историја и од 12 можно во четирите кола освои само три бода со кои моментално е на 15-то место.