Во дербито од 31-то коло од италијанското фудбалско првенство, Наполи, во чии редови од 68 минута настапи македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас, како гостин во Торино со 1:0 го совлада Јувентус, па така веќе следниот викенд ќе има можност и теоретски да ја потврди титулата.
Единствениот погодок на мечот го постигна Џакомо Распадори во третата минута од судиското продолжение на натпреварот, кога со волеј ја испрати топката низ нозете на Шчечни.
Покрај тоа што прими гол во самата завршница, поразот уште потешко му падна на Јувентус бидејќи непосредбо претходно му беа поништени два погодока. Во 82 минута голот на Анхел ди Марија беше поништен поради прекршок на Милик врз Лоботка на почетокот од акцијата, додека во 90 минута погодокот на штотуку влезениот во игра Душан Влаховиќ беше поништен зашто на асистентот Киеза пред нафрлувањето топката му побегнала во гол-аут.
Водечкиот Наполи сега има 78 бодови, 17 повеќе од вториот Лацио и 19 од третиот Јувентус и веќе следниот викенд би можел да го обезбеди своето трето „Скудето“ во историјата а прво по 1990 година, доколку дома ја победи Салернитана, а Лацио да не победи против Интер во Милано.