Огромни последователни експлозии се слушнале ширум либанската престолнина Бејрут во вторникот малку по полноќ по локално време, објави Reuters, додека претходно беше потврдено дека израелската армија цели на јужните предградија на градот.
Огромен облак чад можеше да се забележи во директниот пренос на Reuters.
Претходно Reuters објави дека најмалку два израелски проектила ги погодиле јужните предградија на Бејрут. Израелската војска предупреди еден час претходно дека ќе гаѓа одредени згради во густо населените јужни предградија, тврдејќи дека тие наводно се користат како објекти од вооружената група Хезболах и им порача на жителите да си заминат.
Стравувањата од копнена инвазија се зголемија во понеделникот кога либанските трупи се повлекоа од границата со Израел, а американски официјални претставници изјави за медиумите дека израелските трупи се подготвуваат за копнена офанзива во Либан, за што Тел Авив го известил Вашингтон.
Либанското шиитско движење Хезболах претходно во вторникот соопшти дека ги гаѓа израелските војници кои се движат кон либанските погранични градови и дека е подготвено за израелска инвазија.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант им рече на водачите на локалните совети во северниот дел на Израел дека наскоро ќе започне следната фаза од војната долж јужната граница на Либан, чија цел е враќање на Израелците кои избегаа од ракетите на Хезболах во речиси една година гранично насилство.
Тој, исто така, ѝ порачал на израелската војска: „Ќе ги искористиме сите потребни средства – вашите сили, други сили, од воздух, од море и од копно. Среќно“.
Минатата седмица Израел го отфрли предлогот на САД и Франција за 21-дневен прекин на огнот со цел дипломатско решение што ќе им овозможи на раселените цивили од двете страни да се вратат дома.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој имаше мал успех обидувајќи се да го спречи Израел да ги нападне Хезболах или Хамас, повика на примирје.
„Повеќе сум загрижен отколку што можеби знаете и посакувам да престанат“, им рече Бајден на новинарите на прашањето за инвазијата на Израел на Либан. „Сега ни треба примирје.
Заменик-лидерот на Хезболах, Наим Касем, во својот прв говор по израелското убиство на Насрала рече дека „силите на отпорот се подготвени за копнени борби“.