Серија земјотреси го погоди регионот на Неапол близу супервулканот

Областа на Неапол беше погодена од серија земјотреси во неделата, а најсилниот беше со магнитуда од 3,9 степени, соопшти Националниот институт за геофизика и вулканологија (INGV).

Најсилниот земјотрес се случи околу 15 часот и 50 минути во западниот дел на градот, во вулканската област Флегрејски полиња, која е позната и како супервулканска област.

Според првичните информации, нема повредени и нема поголема материјална штета, иако луѓето таму добро го почувствувале потресот. Многумина избегале од своите згради на улиците.

На помош на граѓаните им дојдоа полицајци и доброволци, изјави градоначалникот на градот Поцуоли, Џиџи Манцони.

Неодамна започна нова серија земјотреси на Флегрејските полиња, а регистрирани се и посилни потреси. Тоа е најголемиот активен супервулкан во Европа и областа е позната по високото ниво на вулканска активност.

Супервулканите се карактеризираат со исклучително голема комора на магма и исклучителна моќност. За разлика од обичните вулкани, тие буквално експлодираат.

Во мај 2024 година, областа ја потресоа најсилните земјотреси во последните 40 години, со најсилниот измерен со јачина од 4,4 степени. Жолтото ниво на предупредување е на сила во областа веќе една деценија и упатува на претпазливост.

Италијанската влада ги претстави новите мерки по мајските земјотреси. Плановите вклучуваат можна евакуација и подобра заштита на зградите од ефектите на земјотресите.