По повод изјавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ во Москва дека сака Русија да учествува во преговорите со Косово, ако се вклучат САД, се огласи експертот за Балканот, Даниел Сервер, кој вели дека, ако Србија стигне до завршната фаза во преговори со Европската унија без нормализирање на односите со Косово, нема да добие ништо за возврат, односно нема да влезе во ЕУ.
Сервер вели дека нормализацијата подразбира два клучни чекора – прием на Косово во ОН и размена на дипломати на амбасадорско ниво.
„Кога Србија треба да ги нормализира односите со Косово? Пристапот на Белград е тоа да го одложи до пред влезот во ЕУ. Ова е сериозна грешка“, вели Сервер.
Оценува дека Москва нема да помогне во разговорите меѓу Приштина и Белград.
„На крајот на краиштата, Русија ја призна независноста на отцепените покраини Грузија и Молдавија, а го анектираше Крим и им дава поддршка на сепаратистите во Украина. Останува отворено прашањето дали е мудро Србија да се потпре на Русија да го потврди суверенитетот на Белград над Косово?“, прашува Сервер и додава дека во завршната фаза од преговорите, сите алатки се во рацете на ЕУ.
„Прашајте ги само Словенија и Хрватска, кои мораа да направат отстапки за важни прашања во последната фаза од нивните преговори за пристапување“, додаде Сервер.
„Да бидеме јасни: Србија е слободна да ги избере своите сојузници или независност, како и секоја друга суверена држава. Но, навистина не може да седи на две столчиња. Усогласувањето на својата надворешна политика со ЕУ е дел од квалификациите за влез. Додека Брисел може да биде амбивалентен за тоа во блиска иднина, гласови за влез едноставно нема да биде тука кога ќе дојде време, ако Србија не ги исполнува сите критериуми за членство“, изјави тој.
Според него, тоа значи дека би било попаметно Србија да се одлучи за столчето ЕУ што поскоро, „Што може да добие? Не знам, но никој нема да знае пред да се обиде“, вели Сервер.
Вели и дека ова не се однесува само на усогласување на својата политика кон Русија со санкциите на Европската унија, како и другите одлуки на Унијата кон Русија, туку и прифаќање на „суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово и нормализација на односите меѓу двете држави”.
„Дваесет и три од 28-те членки на ЕУ го признаа Косово. Се сомневам дека било кој од овие 23 е подготвен да ја прифати Србија како земја-членка на ЕУ, ако не ги нормализира односите со својата поранешна покраина“, вели Сервер иако неколке земји од европскиот блок не го имаат признаено Косово.