Шестмина повредени во сообраќајка кај Стајковци

Шестмина се повредени во судир на два автомобили, вчера кај Стајковци, информираше МВР.
Според полицијата, сообраќајната несреќа се случила околу 16 часот на скопската обиколница, во близина на клучка Стајковци.

Тогаш автомобил „хјундаи“ управуван од скопјанецот Д.Т.(70) се судрил со автомобил „сузуки“ што го управувал С.Т.(43) од Скопје. Во судирот тешко е повреден Д.Т., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“, каде е задржан на лекување.

Со лесни повреди поминале сопатниците од „хјундаито“, Љ.М.(67) и С.С.(73), двајцата од Скопје. Со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им била укажана лекарска помош. Полесно повредени се и возачот на „сузукито“ и сопатникот К.Т.(38) како и двегодишно девојче од Скопје.
Тие биле пренесени во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, каде им била укажана лекарска помош. Извршен е увид на местото на настанот.