Шесточлено семејство со четири малолетни деца го изведе самоубиствениот џихадистички напад врз цркви во Индонезија

© AP Photo/Trisnadi

Зад самоубиствениот бомбашки напад врз христијани кои во неделата присуствувале на литургии во три цркви во вториот по големина индонезиски град Сурабаја, стои шесточлено семејство, меѓу кои две ќерки и два сина.

Индонезија, којашто е мнозински муслиманска земја, ја погоди најновиот бран исламски екстремизам, а во неделниот напад се убиени најмалку 13 и ранети уште 40 христијански верници. Полицијата објави дека семејството коешто ги извело нападите е едно од 500-те познати симпатизери на џихадистичката организација „Исламска држава“ кои се вратиле од боиштата во Сирија.

Нападот врз првата црква го извел таткото и сопругот, кој со автомобил полн со експлозиви се забил во дворната порта пред црквата. Во вториот напад учествувале мајката и нејзините две ќерки, додека во третата црква на мотоцикл со експлозив се забиле другите два сина. Двете ќерки биле на 9 и 12-годишна возраст, а другите две деца, за кои се верува дека се синовите, биле на возраст од 16 и 18 години.

Полицијата своите сомневања за нападот ги насочи кон исламистичката група Џемаах Аншаруд Даулах (JAD), којашто пред повеќе од три години ѝ изрази лојалност на „Исламската држава“. Оваа џихадистичка организација подоцна во неделата ја презеде одговорноста за нападите во пораката којашто ја објави преку нејзината новинска агенција „Amaq“.