Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски денеска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека побарал повлекувањe на неговите роднини од работните места за кои Државната комисија за спречување корупција “наоѓала некакви индиции”, иако, пишува дека немал право на тоа оти не влијаел за нивните вработувања.
“Од работното место, кое нема никаква поврзаност со непотизам, се повлекуваат и мојата сестра, Мирјана Јосифовска и мајката на мојата сопруга. По нивна волја, како нивна лична одлука”, напиша Кирацовски.
Антикорупциска комисија вчера утврди дека кај шест од вкупно 18 случаи на вработувања на блиски роднини на функционери имало измени на актите за вработувања и тие не одговaрале на систематизацијата, туку критериумите во огласот биле местени за кандидатот што требало да биде вработен. Конкретно, во случајот со Кирацовски, комисијата утврди дека бил „штелуван“ огласот за вработување на неговата сестра во Централниот регистар и на мајката на неговата сопруга во ученичкиот дом Мирка Гинова во Битола.