Единаесет лица работеле спротивно на законот, без договор за вработување, а медицинскиот и економскиот директор не ги извршувале соодветно надлежностите од заедничка природа – ова се само дел од неправилностите кои ги утврдил здравствениот инспекторат на Универзитетската клиника за токсикологија, по вчерашниот скандал и обвинувања помеѓу вработените.
Од инспекторатот велат дека издадени се решенија за преземање на мерки и во рок од пет дена повторно ќе следи контрола на клиниката.
– Издадено е решение да се преземат следните мерки. Здравствени услуги на Клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници, соработници кои имаат важечки договори, здравствени услуги да се укажуваат од здравствени работници кои имаат соодветно образование согласно закон. Медицинскиот и организацискиот директор да ги извршуваат непречено обврските од самостојна, а особено заедничка надлежност, изјави д-р Рената Младеновска, директор на ДСЗИ.
– Во текот на вчерашниот ден, Министерството за здравство побара да се спроведе вонреден инспекциски надзор во Универзитетската клиника за токсикологија – Скопје во врска со статусот на 18 ангажирани лица кои добија согласност од Министерството за финансии, со цел да се утврди фактичката состојба. По добиениот извештај од надлежните инспекторати ќе се постапи согласно законските прописи. – велат од Министерство за здравство.
Состојбите на клиниката ескалираа откако група вработени го кренаа гласот против како што тврдат непрофесионалното работење на економската директорка, Бесија Иљази и обвинија дека го саботира вработувањето на стручен кадар, а фаворизира враќање на работа на лица со истечени договори на дело, поради што и токсиколошката лабораторија два месеци не вршела валидација на издадените резултати за пациенти.