Сеул во петокот ја доби својата прва линија на самоуправувачки автобус во рамките на експериментот за кој инженерите велат дека целта е јавноста да се чувствува попријатно со возилата без возачи на патиштата.
Новото возило не изгледа како обичен автобус: целосно е симетрично, со заоблени рабови и големи прозорци поради кои повеќе изгледа како голема играчка отколку како најсовремена форма на транспорт.
Таквиот дизајн е направен со намера, вели Јеонг Сеонг-гјун, шеф на автономното возење во „42 Dot“, стартапот одговорен за технологијата за автономно возење, сега во сопственост на јужнокорејската компанија „Hyundai“.
„Тоа е иднината“, вели Јеонг за AFP додавајќи дека ваквиот автобус бара „нов вид исклучителен дизајн“.
Автобусот помалку изгледа „како Лего“, бидејќи е направен од композитни делови за да се намалат трошоците и да е олесни неговото реплицирање, појаснува Јеонг.
Според него, целта на компанијата била технологијата да стане поевтина, сигурна и лесно пренослива на многу видови возила во иднина, на пример за возилата за достава.
Засега со внимателен надзор на возач, автобусот самиот ќе вози по нова кружна рута од 3,4 километри во центарот на Сеул, која ќе трае околу 20 минути. Автобусот навигациски користи камера и ласер наместо скапи сензори, додава Јеонг.
Патниците во Сеул можат да се качат на едната од двете одредени постојки, откако ќе резервираат бесплатно место преку мобилна апликација. На денот на воведувањето на новата автобуска линија во петокот, се чинело дека многу минувачи биле заинтригирани од дизајнот на автобусот. Запирале да го фотографираат и да ѕирнат во внатрешноста.