Сеул го обвини Пјонгјанг за лансирање проектили со краток дострел

Северна Кореја во петокот истрелала повеќе балистички ракети со краток дострел во морето во близина на нејзиниот источен брег, соопшти војската на Јужна Кореја, еден ден откако САД и Јужна Кореја спроведоа заеднички вежби со борбени авиони „стелт“.

Здружениот генералштаб на Јужна Кореја го осуди лансирањето како провокација. Се вели дека проектилите биле истрелани од градот Вонсан на источниот брег и летале околу 300 километри пред да паднат во морето.

Цитирајќи владин функционер, јапонскиот јавен радиодифузен сервис NHK, исто така, објави дека „се чини дека ракетата со краток дострел била лансирана и веќе паднала“.

Северна Кореја лансираше повеќе балистички и крстосувачки ракети, како и тактички проектили последните месеци, велејќи дека тие се дел од програмата за надградба на нејзините одбранбени способности во контекст на континуираните воени вежби предводени од САД и нивните регионални сојузници во регионот на Корејскиот полуостров кои Пјонгјанг ги смета за подготовка за инвазија.

Војската на Јужна Кореја не прецизираше кој е најновиот тип на оружје, но севернокорејските државни медиуми објавија дека нејзината војска тестира повеќе ракетни системи за лансирање кои се надградуваат.

Претходно во петокот, моќната сестра на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Џонг, рече дека тактичкото оружје било наменето само како пречка за јужнокорејската воена агресија, додека повторно негираше дека Пјонгјанг извезува оружје. Американските и јужнокорејските власти го обвинија Северот дека наводно ѝ испорачува оружје на Русија за да ѝ помогне на Москва да ги надополни резервите за употреба во војната против Украина но никогаш не прижија докази за тоа. Москва и Пјонгјанг ги отфрлија обвинувањата.