Северна Кореја одлучи да го протера американскиот војник Тревис Кинг, за кого тврди дека признал дека илегално влегол во земјата и дека е „разочаран од нееднаквостите во американското општество“, објави во средата државниот медиум KCNA.
Агенцијата KCNA ги објави конечните резултати од истрагата за граничниот премин на Кинг во јули годинава. Во тоа време, тој рекол дека сака засолниште во Северна Кореја или на друго место поради „нечовечко малтретирање и расна дискриминација“ во САД и во американската војска.
„Кинг призна дека илегално влегол на територијата на КНДР бидејќи сакал да избега од нечовечкото малтретирање и расната дискриминација што преовладува во американската војска и бил разочаран од нееднаквоста во американското општество“, објави KCNA.
Вујкото на Кинг, Мјирон Гејтс, претходно во август изјави за американската телевизиска мрежа ABC Nеws дека неговиот внук, како црнец доживувал расизам во војската и дека, откако извесно време минал во затвор во Јужна Кореја, „не си личел на себеси“.
„Во согласност со законот, властите одлучија да го протераат Кинг“, пишува KCNA, но не прецизираа како, кога и каде ќе биде протеран.
Американскиот Стејт департмент и Белата куќа не беа веднаш достапни за коментар за агенцијата Reuters
На 18-ти јули, војникот на американската армија Кинг ненадејно влета на територијата на Северна Кореја во цивилна облека додека бил во обиколка на заедничката безбедносна област на силно утврдената граница меѓу двете Кореи. Во тоа време, американските власти изјавија дека веруваат дека Кинг намерно ја преминал границата и одбија да го класифицираат како воен заробеник во тоа време.
И севернокорејските истражители потоа заклучија дека Кинг влегол во Северна Кореја намерно и нелегално, со намера да остане во Северна Кореја или во трета земја.
Досега се забележани неколку обиди за дезертирање и пребегнување во Северна Кореја од американски војници стационирани во Јужна Кореја.
Кинг ѝ се приклучил на американската војска во 2021 година. Се соочил со две обвиненија за напад во Јужна Кореја, а на крајот ја признал вината за еден напад и уништување јавна сопственост поради оштетен полициски автомобил во текот на тирада против Корејците полна со пцовки, покажуваат судските документи кои ги цитираат американските медиуми.
Војникот требало да се соочи со дополнителни дисциплински мерки кога ќе бил вратен во САД. Американската војска Кинг го транспортирала на аеродромот во Сеул за да се врати во својата матична единица во Соединетите држави. Но сѐ уште нејасно како, тој го напуштил аеродромот и се придружил на група којашто била во обиколка на пограничните области, каде ја претрчал линијата на раздвојување и покрај обидите на американските и јужнокорејските стражари да го запрат.