Северна Кореја во понеделникот истрела балистичка ракета со краток дострел и уште една балистичка ракета со непознат дострел, соопшти војската на Јужна Кореја.
Првата балистичка ракета со краток дострел беше истрелана кон североисток околу 05:05 часот времето во Сеул, од близина на Чангјон во јужната севернокорејска провинција Хвангхае. Уште една неидентификувана балистичка ракета е откриена околу 5:15 часот, изјави началникот на Генералштабот на Јужна Кореја.
Војската на Јужна Кореја е целосно подготвена и тесно споделува информации со американските и јапонските власти додека го засилува надзорот и будноста како подготовка за какви било натамошни лансирања, се вели во соопштението на највисоките воени претставници.
Во неделата Северна Кореја ја критикуваше заедничката воена вежба меѓу Јужна Кореја, Јапонија и Соединетите држави одржана минатиот месец и предупреди на „голем одговор“ против таквите вежби.
Северна Кореја минатата седмица соопшти дека успешно извршила важен тест со цел да развие ракета што носи повеќе боеви глави, тврдење кое Јужна Кореја го отфрли како „лага“ за да се прикрие неуспешното лансирање.