Северна Кореја истрела балистички ракети со краток дострел во морето во понеделникот првпат по два месеца, додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен престојува во посета на Сеул на конференција за унапредување на демократијата, чиј домаќин е претседателот Јун Сук Јеол.
Војската на Јужна Кореја соопшти дека неколку проектили со краток дострел прелетале околу 300 километри откако биле истрелани од Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, и паднале во близина на источниот брег. Го осудија лансирањето како „јасна провокација“ и рекоа дека споделуваат информации за нив со САД и Јапонија.
Американскиот Стејт департмент, исто така, ги осуди лансирањата, велејќи дека тие прекршиле неколку резолуции на Советот за безбедност на ОН и претставуваат закана за регионот.
Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека трите проектила биле лансирани и прелетале околу 350 километри, со максимална височина од 50 километри. Јапонскиот премиер Фумио Кишида ги осуди лансирањето откако крајбрежната стража на неговата земја, исто така, пријави истрелување на, како што рече, балистичка ракета и рече дека веќе го завршила својот лет.
„Серијата акции на Северна Кореја ги загрозуваат мирот и безбедноста на нашиот регион и меѓународната заедница, што е апсолутно неприфатливо“, изјави Кишида, нарекувајќи го лансирањето кршење на резолуциите на ОН.
Јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Вон-сик рече дека Северот тестирал нов тип ракета со краток дострел во текот на последните седмици, а Сеул и Вашингтон набљудуваат дали оружјето е наменето да биде испратено во Русија.
„Не е јасно дали проектилите се за засилување на првата линија или за извоз во Русија. Но, постои значајна можност тие да ги вршеле последните проверки на резултатите пред да ги извезат во Русија“, рече тој на прес-конференција..
Шин тврдеше без да пружи докази дека Северна Кореја наводно испратила најмалку 7.000 контејнери главно со муниција во Русија од јули минатата година а да ја поддржи нејзината војна против Украина. Тој на крајот на февруари рече дека ги имало околу 6.700 контејнери.
„За возврат, Северот доби залихи на гориво и храна, што се чинеше дека привремено го олеснува недостигот и другите економски тешкотии од крајот на минатата годинаЕ, додаде Шин.
Војската на Северна Кореја во последните неколку недели изведува вежби со конвенционално оружје, често лично под надзор на лидерот на изолираната земја Ким Џонг Ун.
Демонстрацијата на сила на Пјонгјанг доаѓа веднаш откако војските на Јужна Кореја и Соединетите Држави завршија 10-дневни големи годишни заеднички воени вежби минатиот четврток.
Блинкен е меѓу високите функционери од целиот свет кои учествуваат на Самитот за демократија, кој започнува во понеделник. Тој ќе се сретне и со неговиот јужнокорејски колега, министерот за надворешни работи Чо Тае-Јул. Самитот е иницијатива на американскиот претседател Џо Бајден, а учесниците ќе разговараат за „начините како да се запре демократскиот пад и ерозијата на правата и слободите ширум светот“.