Северна Кореја денеска соопшти дека САД го игнорирале рокот за нуклеарни преговори, поради што Пјонгјанг веќе не чувствува обврска да ги исполнува обврските, кои вклучуваат запирање на нуклеарните проби и тестирања на интерконтинентални балистички ракети.
Советникот во мисијата на Северна Кореја во ОН во Женева Џу Јонг Чол изјави дека изминатите две години неговата земја престанала да врши нуклеарни проби и тестирања на интерконтинентални балистички ракети, со цел развивање доверба меѓу Пјонгјанг и Вашингтон. Но, според него, Американците одговориле со десетици заеднички воени вежби со Јужна Кореја на полуостровот и со воведување санкции.
– Откако стана јасно дека САД не ја смениле својата амбиција да го блокираат развојот на Северна Кореја и да го задушат нејзиниот политички систем, не гледаме причина еднострано да бидеме врзани за обврски кои другата страна не ги почитува, потенцираше тој на конференцијата на ОН за разоружување.
Џу ги обвини САД за примена на „најбрутални и нечовечки санкции“ и предупреди дека доколку Вашингтон продолжат со „непријателската политика“ кон неговата земја, нема да дојде до денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
– Доколку САД се обидат да спроведат еднострани барања и продолжат со нематнување санкции, Северна Кореја може да биде принудена да бара нов пат, потенцираше севернокорејскиот советник.