Северна Кореја негира дека разменува оружје со Русија

Ким Јо Џонг, влијателната сестра на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун, повторно во петокот негираше дека Северна Кореја разменува оружје со Русија, извести државната новинска агенција KCNA.

САД и Украина без да пружат никакви докази ја обвинија Северна Кореја дека наводно ѝ испорачувала артилериски гранати и друго оружје кое ѝ недостигало на Русија за водење на војната. И Москва и Пјонгјанг повеќепати ги негираа таквите тврдења, но порачаа по средбата минатата година на челниците Владимир Путин и Ким Џонг-ун дека интерес на двете земји е продлабочување на меѓусебната соработка, вклучително и во одбранбениот сектор.

По повеќегодишното заладување на односите меѓу Москва и Пјонгјанг, врските меѓу двете земји нагло зајакнаа по посетата на севернокорејскиот водач на далечниот руски исток ланскиот септември кога се средна со Путин и посети погони од рускиот воено-индустриски комплекс.

Меѓутоа, Ким Јо Џонг изјави дека американската „теорија“ за севернокорејско-руски договор за вооружувањето, е сочинета од „предрасуди и фикција“, и е „најапсурдната теорија којашто не заслужува процена или толкување од никого“, пренесува KCNA цитирајќи ја нејзината изјава за медиумите во која тоа го нарекува „лажни слухови кои ги шират непријателските сили“.

Ким Јо Џонг додала дека севернокорејското оружје коешто се развива не е наменето со извоз, туку за одбрана од потенцијална инвазија од страна на Јужна Кореја и САД кои имаат воени бази на Корејскиот полуостров со педесетина илјади војници, бомбардери и тенкови, и одржуваат континуирани воени маневри во регионот.

Истовремено во четвртокот, САД најавија нови санкции за две руски лица и три руски компании поради „овозможување“ на наводен трансфер на оружје меѓу Русија и Северна Кореја, вклучително и балистички проектили за наводна употреба во Украина.

Во извештај во кој увид наводно имала агенцијата Reuters направен од западни контролори на санкциите на Обединетите нации против Северна Кореја до Советот за безбедност се наведувало дека остатоци од проектил кој на 2-ри јануари паднал врз украински Харков наводно биле од севернокорејска ракета од серијата „Hwasong-11“. Меѓутоа, спомнатиот извештај никогаш не е потврден службено и презентиран, како и наводите во него.

Челниците на главните севернокорејски партнери, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Кси Џинпинг, се сретнаа во четвртокот во Пекинг и ги критикуваа САД и нивните сојузници поради нивното „заплашување во воената сфера“ на Северна Кореја, беше истакнато во заедничката изјава на двата челници.

Западните медиуми ја забележуваат и изјавата на амбасадорот на Северна Кореја во Москва кој во четвртокот го нарекол украинскиот претседател Володомир Зеленски „марионета на САД“ и рекол дека Русија ќе излезе како победник во судирот зад кој според него стои Вашингтон.