Северна Кореја повторно истрела балистичка ракета

Северна Кореја истрела балистичка ракета во понеделникот, соопшти јужнокорејската војска, а јапонски официјален претставник изјави дека станува збор за интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) со дострел од повеќе од 15.000 километри.

Тоа е второ лансирање ракета за помалку од 12 часа, а истрелана е од област во близина на главниот град Пјонгјанг кон морето долж источниот брег на Северна Кореја и прелетала околу илјада километри, соопшти Генералштабот на армијата на Јужна Кореја. Податоците за дострелот на ракетата не беа веднаш достапни.

Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека проектилот паднал во морето западно од островот Хокаидо околу еден час по лансирањето. Заменик-министерот за одбрана Шинго Мијаке им рече на новинарите дека станува збор за проектил од класата ICBM, кој има дострел од повеќе од 15.000 километри и може да го достигне секое место во САД, додавајќи дека проектилот летал околу 73 минути.

Северна Кореја истрела претходно ракети од меѓународниот аеродром во близина на Пјонгјанг.

Минатата седмица заменик-советникот за национална безбедност на Јужна Кореја рече дека Северна Кореја можеби се подготвува да лансира интерконтинентални балистички ракети, одбивајќи да даде детали.

Последното лансирање на ракетата следи по лансирањето на балистичка ракета со краток дострел во неделата, која прелета на околу 570 километри од област во близина на Пјонгјанг и падна во океанот.

По лансирањето, Северна Кореја објави соопштение во кое ги осудува САД за организирање „увертира на нуклеарна војна“, вклучително и пристигнувањето на подморница на нуклеарен погон во Јужна Кореја во неделата.

Соединетите држави го осудија лансирањето на проектили од Северна Кореја, а портпаролот на Стејт департментот рече дека тие претставуваат закана за соседните земји.

„Овие лансирања, како и другите лансирања на балистички ракети од страна на Пјонгјанг оваа година, прекршуваат повеќе резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече портпаролот.