Северна Кореја, една од многу малкуте земји во светот коишто сѐ уште немаа потврден случај на Covid-19, објави дека продолжува да ги тестира граѓаните на коронавирусот, а повеќе од 500 луѓе се сместени во карантин, наведува Светската здравствена организација (СЗО – WHO).
Од СЗО, од каде што наведуваат дека добиваат „седмични извештаи“ од севернокорејското министерство за здраство, наведуваат и дека оваа земја има капацитетит за тестирање во националната референтна лебораторија во Пјонгјанг.
„Од 2-ри април тестирани се 709 лица, 11 странци и 698 државјани на Северна Кореја. Нема потврден случај на коронавирусот. Во карантин се 509 луѓе, од кои двајца се странци. Од 31-ви декември од карантин се пуштени 24,842 лица, вклучително и 380 странци“, одговорил преку електронска пошта за Reuters Едвин Салвадор, претставник на СЗО за Северна Кореја.
Некои здравствени стручњаци се сомневаат дека Северна Кореја, којашто граничи со Кина и Јужна Кореја, земјите кои беа силно погодени од епидемијата, не открила ниедна зараза. Пјонгјанг претходно извести дека ги засилил пограничните контроли кон двете земји и вовел карантин.
СЗО е известена дека Северна Кореја од сојузничката Кина во јануари добила опрема потребна за дијагностицирање на тестовите, а организацијата им испратила и резерви од заштитна опрема.
На официјалната интернет страница на референтниот Институт при Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во американската сојузна држава Мериленд, се наведува денекса дека во светот севркупно се заразени над 1,43 милиони луѓе, а починале повеќе од 82.000 пациенти во 184 земји и територии во светот. Потврдени случаи на зараза со коронавирусот нема во Северна Кореја, Лесото, Таџикистан, Турменистан и Јемен.
Експерти за човекови права при Обединетите нации повикуваат на укинување на меѓународните санкции за земјите, меѓу кои е и Северна Кореја, за да се обезбеди испраќање храна за тамошните гладни популации во време на пандемијата. Северна Кореја е под ударот на низа меѓународни и американски санкции поради нејзините нуклеарни и балистички програми.