Северна Кореја врши нови тестирања на нуклеарно оружје

Северна Кореја тестирала „мотор на цврсто гориво со голем потисок“, за развој на новото стратешко оружје под водство на водачот Ким Џонг-ун, објавија во петокот севернокорејските медиуми, пренесува Reuters.

Тестирањето било изведено во четвртокот на полигонот за лансирање сателити Сохае и ја „докажа сигурноста и стабилноста на моторот“, што дава „гаранција за развој на уште еден нови тип стратешки систем на вооружување“, објавила агенцијата KCNA.

Се додава дека севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун изразил „очекување дека уште едно стратешко оружје од нов тип ќе биде направено во најкус временски период“.

Ова тестирање е спроведено во време кога шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси во разговорите со јужнокорејските функционери во Сеул вети „сеопфатни напори“ за запирање на севернокорејската нуклеарна програма.

Северна Кореја годинава изведе досега невиден број тестирања разни видови ракети и проектили, вклучително и интерконтинентална балистичка ракета којашто може да понесе нуклеарна боева глава и да погоди цел во секој дел од САД. Покрај тоа, странските аналитичари сметаат дека Пјонгјанг се подготвува за нуклеарна проба

Преговорите за запирање на севернокорејската нуклеарна програма запреа од 2019 година. Администрацијата на сегашниот американски претседател Џо Бајден најави дека ќе бара дипломатски пат за денуклеаризација на Корејскиот полуостров, но не покажа волја да ги прифати повикот на Северна Кореја да ги ублажи острите санкции.