![kim na akademija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/08/kim-na-akademija.jpg?resize=650%2C366&ssl=1)
Северна Кореја со фотографиите на коишто се надзира новата конструкција на ракета испрати порака дека работи на нови интерконтинентални балистички проектили (ICBM), помоќни од оние кои веќе ги тестираше, истакнаа во четвртокот експертите за оружје.
Доколку биде развиен, проектил од овој тип можеби би можел да достигне која и да е точка на американскиот континент, вклучително и градовите Вашингтон и Њујорк, тврдат ракетните експерти.
Севернокорејските државни медиуми објавија доцна ноќта во средата фотографии челникот Ким Џонг-ун како стои крај дијаграм на тристепена ракета наречена „Хвасонг-13“.
Експертите за проектили кои внимателно ги проучуваат таквите фотографии во потрага по докази за севернокорејската програма за оружје, истакнуваат дека не постојат сигнали дека ракетата целосно е развиена. Во секој случај, таа не е тестирана во лет, на невозможно е да се пресмета нејзиниот потенцијален дострел, велат стручњаците.
И покрај тоа, тристепената ракета би била помоќна од двостепената „Хвасонг-14“ којашто беше двапати тестирана во јули. Јужна Кореја и американските функционери сметаат дека ракетата „Хвасонг-14“ имала дострел од околу 10.000 километри, со што би можела да го погоди повеќе делови од САД, но не и нивниот источен брег.
„Мораме да му пристапиме на ‘Хвасонг-13’ како на интерконтинентален балистички проектил со дострел со 12.000 километри кој може да погоди која и да е точка во САД“, истакнува Ким Донг-јуп, воен стручњак од Институтот за Далечниот исток при универзитетот Кјунгман во јужнокорејската престолнина Сеул.
Секој дострел поголем од 11.000 километри претставува закана за Вашингтон и за Њујорк, од која и да е точка во Северна Кореја.
„Најверојатно намерно покажаа дека работат на тристепена конструкција со поголеми сила и дострел. Го тестираа ‘Хвасонг-14’ кој имаше проценет дострел од 9-10 илјади километри. Оваа може да оди подалеку, тоа е пораката“, смета пензионираниот бригаден генерал Мун Сунг-мук, експерт за контрола на вооружувањето кој своевремено ја претставуваше Јужна Кореја во преговорите со Пјонгјанг.
Експертите сметаат дека намерите на Северна Кореја околу објавувањето на воените планови за новите проектили се јасни. Фотографиите се проследени со извештај за тоа дека лидерот Ким Џонг-ун дава упатства за производство на дополнителни ракетни системи и боеви глави во текот на неговата посета на Академијата за одбранбени науки, тело кое го формираше за развој на балистички прокетили.
Фотографиите се објавени во време на опаѓањето на напнатоста меѓу Северна Кореја и САД кои ескалираа откако оваа изолирана комунистичка земја ја тестираше ракетата со долг дострел „Хвасонг-14“ и подоцна се закани со лансирање проектили кон островот Гуам, американска територија во Тихиот Океан на кој има американска воздухопловна и воено поморска база.
Јужнокорејскиот генерал Мун смета дека целта на ова севернокорејско објавување е да се испрати порака дека Пјонгјанг нема да потклекне под притисокот на меѓународната заедница да се откаже од своите програми за развивање проектили и нуклеарно оружје.