Северна Кореја во неделата по локално време од регионот во близина на својот западен брег лансираше балистички проектил кој летал 700 километри, известија властите на Јужна Кореја, Јапонија и на САД.
Ракетата е лансирана рано во неделата во 5,28 часот по локално време (22, 28 по македонско во саботата) од областа на регионот Кусунг, сместен северно од севернокорејската престолнина Пјонгјанг, каде што во февруари беше тестирана ракета со среден дострел.
Јапонските власти, кои објавија дека ракетата по 30-минутниот лет се урнала во Јапонското Море, протестираа поради инцидентот, тврдејќи дека овој потег претставува сериозна закана за Јапонија, како и дека Северна Кореја со тоа ги прекршила резолуциите на Обединетите нации.
Максималната височина на летот, којашто ја достигнала севернокорејската ракета изнесувала околу 2.000 километри а оти прелетала дистанца од 800 километри, пренесува новинската агенција Kyodo, повикувајќи се на извори од јапонската влада. Според генералниот секретар на јапонската влада, ракетата паднала во ексклузивната економска зона на Јапонија, околу 400 километри источно од Корејскиот полуостров, и најавил протесна нота по дипломатските канали преку Пекинг.
Пацифичката команда на САД (PACOM) го потврди севернокорејското лансирање на балистички проектил, истакнувајќи дека оваа ракета не била интерконтинентална и не претставувала закана за Северна Америка.
„Се анализира типот на ракетата. Летот не е карактеристичен за интерконтиненталните балистички проектили. Командата на воздушно-космичката одбрана на Северна Америка (NORAD) утврди дека ракетата лансирана од Северна Кореја не претставувала закана за Северна Кореја“, се истакнува во соопштението на пацифичката команда на САД.
Од PACOM, исто така, наведуваат дека САД остануваат посветени на заедничките активности со сојузниците Јапонија и Јужна Кореја, во осигурувањето на безбедноста.
Севернокорејскиот ракетен тест е изведен само неколку дена откако новиот јужнокорејски претседател Мун Јае-ин, полагајќи ја заклетвата, изјави дека е подготвен да отпатува во Пјонгјанг на преговори.
Северна Кореја пред две седмици неуспешно лансираше балистички проектил од областа северно од главниот град Пјонгјанг, кои се распадна по само неколку минути лет и падна во Јапонското Море. Оваа земја изминатите два месеца безуспешно се обиде четири пати да тестира балистички ракети. Но експертите сметаат дека со овие тестови Северна Кореја сепак остварила некакво напредок.
Американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на април изјави дека е можен голем судир со Северна Кореја, поради нејзините нуклеарни и ракетни програми, но додаде дека го претпочита дипломатското решение на кризата.