Северна Кореја објави во неделата дека уапсила уште еден американски државјанин поради сомневања за непријателска активност против оваа држава и тој е четвртиот уапсен државјанин на САД во оваа комунистичка најизолирана и најзатворена земја во светот во време на зголемените дипломатски и воени тензии на Корејскиот полуостров.
Ким Хак Сонг, уапсен на 6 мај, работел на Универзитетот за наука и технологија (USTP) во Пјонгјанг, објави во неделата службената севернокорејска новинска агенција KCNA.
„Надлежната институција на DPRK (ДНРК – Демократска Народна Република Кореја) го приведе американскиот државјанин Ким Хак Сонг на 6 мај според законот на ДНРК за спречување на неговата непријателска активност против неа“, се наведува во извештајот на KCNA.
Ким Хак Сонг е четвртиот американски државјанин кој сега е во затвор во Северна Кореја.
Пред него на 22 април беше приведен Ким Санг-Дук или Тони Ким, кој бил приведен на аеродромот во Пјонгјанг, бидејќи „изведувал непријателски активности поради уривање на Народна Демократска Република Кореја“, како што беше соопштено.
Универзитетот USTP тогаш објави дека е уапсен во моментот кога се подготвувал да ја напушти земјата, откако предавал неколку седмици во оваа установа.
Уште двајца Американци од претходно се во севернокорејските затвори: Ото Вармбиер, 22-годишен студент и Ким Донг Чул, 62-годишен корејско-американски мисионер.
САД сметаат дека апсењата на Американците е средство за притисок додека владее тензијата на највисокото ниво меѓу Северна Кореја и меѓународната заедница поради нуклеарните и балистички програми на Пјонгјанг.
Универзитетот USTP, кој го основале странските христијански евангелисти, е отворен во 2010 година и на него предаваат одреден број американски наставници. Таму се школуваат децата на севернокорејската елита.