Партијата Северна лига (LN), која сака да победи на парламентарните избори во март, го менува имиџот за да ги привлече избирачите од јужна Италија којашто до неодамна ја нарекуваше паразитска, криминална и отпад загаден со религија, а во центарот на кампањата ја става противдоселеничката реторика.
Сега партијата Лига од своето име одлучи да го исфрли „северна“ и да се претстави како национална сила којашто агресивно игра на антидоселеничкото расположение за да оствари што подобар изборен резултат во рамките на блокот на десниот центар.
Според анкетите, блокот во кој е и Forza Italia (Напред Италија), на поранешниот премиер Силвио Берслускони, би можела да победи на изборите на 4-ти март, но сепак не би требало да добие доволен број гласови за апсолутно мнозинство. На последните парламентарни избори во 2013 година, Северната Лига доби 4 отсто од гласовите, а сега анкетите ѝ предвидуваат 14 отсто во март, веднаш зад партнерската Напред Италија на којашто ѝ се предвидуваат 16 отсто од гласовите
Лигата, којашто ја води Матео Салвини, во последниот период успеа да ја прошири својата избирачка база надвор од северните бастиони, благодарејќи на сѐ поголемиот отпор во Италија кон имигрантите, нерасположението кон Европската унија и економските проблеми.
„Проблемите на северот се исти како и оние на југот. Има премалку работни места и премногу имигранти“, изјави Џанлука Канталамеса, кандидат на Лигата во Херкуланеум, место расположено во подножјето на Везув во близина на Неапол. Педесетгодишниот Канталамеса е единствениот кандидат на десниот центар во изборната единица Торе дел Греко која ги опфаќа Херкуланеум и Помпеа. Според анкетите тој ќе биде меѓу кандидатите кои првпат ќе настапат за Лигата на југот.
Пораката на Салвини за изборите е „Италија на прво место“. „Мораме да гледаме во иднината, бидејќи доколку ја делиме љубовта кон нашата земја и нашите деца, мораме да пронајден што нѐ поврзува, а не она што нѐ дели“, изјави.
(Северната) Лига ја основаше во 1991 година Умберто Боси и во тој период партијата заговараше отцепување на северот на Италија и го обвинуваше Рум дека го поткраднува богатиот север. Картографските прикази на нејзината интернет страници го исмејуваа југот, така што сѐ што е јужно од Рим го прикажуваа како Африка.
Салвини ја презема партијата во 2013 година, па започна зближување со партиите на крајната десница францускиот Национален фронт и холандската антиисламска, антидоселеничка и евроскептична Партија на слободата. Вети дека Италија ќе ја извади од еврозоната кога ќе дојде на власт, а Европската унија ја нарекуваше бирократска диктатура. Подоцна Салвини се откажа од напуштањето на еврото и се сосредоточи на миграциите, користејќи го стравот кај Италијанците од доаѓањето на повеќе од 600.000 имигранти, главно од Африка во последните четири години . „Нѐ напаѓаат. Нашата култура, општество, традициите и начинот на живот се загрозени“, изјави Салвини во јануари.
Поради ваквите ставови политичарите од левицата го обвинуваат дека предизвикува атмосфера на омраза која го поттикнала нападот на неонацистот кој минатиот викенд пукаше од возилото врз шест африкански мигранти во централна Италија. Пукањето се случи само неколку дена откако во два ковчега во близина на Мачерата е пронајдено распарченото тело на 18-годишна Италијанка, поради поврзаност со нејзината смрт е уапсени 29-годишен нигериски имигрант.
„Не сум расист, но на луѓето име е преку глава од сите тие имигранти. Јас сум против создавањето повеќерасна нација“, изјави Канталамеса.
Гласачите на италијанскиот југ се поделени, па има силни најави дека ќе гласаат за Лигата, но и оние коишто не можат да ги заборават нејзините ескапади од минатото кон жителите на југот од Италија.
Берлускони и Салвини склучија договор дека доколку победи која и да е некоја од нивните две партии победи на изборите во март, премиерот ќе го даде партијата којашто ќе освои најмногу гласови. Осумдесет и едногодишниот Берлускони е уверен дека токму тој ќе победи, но истото мислење го има за себеси и 44-годишниот Салвини, кој признава дека е вдахновен од успехот на американскиот претседател Доналд Трамп од изборите во 2016 година.