Севернокорејскиот лидер најави експоненцијално зголемување на нуклеарниот арсенал

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун рече дека земјата сега спроведува политика на нуклеарно градење за експоненцијално да го зголеми бројот на нуклеарно оружје, објави во вторник државниот медиум KCNA.

Во говорот на годишнината од основањето на Северна Кореја во понеделникот, Ким рече дека земјата мора потемелно да ги подготви своите нуклеарни капацитети и да биде подготвена да ги користи правилно во секое време за да ги обезбеди безбедносните права на земјата, според KCNA.

„Потребно е силно воено присуство за да се спротивстави на различните закани што ги претставуваат САД и нивните сојузници“, додал Ким.

Ким, исто така, рекол дека Северна Кореја се соочува со „голема закана“ од она што го гледа како нуклеарен воен блок предводен од САД во регионот.

Министрите за одбрана на Јужна Кореја, САД и Јапонија во вторникот ја осудија неодамнешната диверзификација на нуклеарните системи за испорака, тестирање и лансирање на повеќе балистички ракети во Северна Кореја.

На состанокот во Сеул, тројката ја потврдија својата посветеност за зајакнување на трилатералната соработка за да се обезбеди мир во регионот, вклучително и одвраќање на севернокорејските нуклеарни и ракетни закани, се вели во заедничката изјава објавена од американскиот Стејт департмент.

Тие, исто така, се согласија наскоро да одржат втора трилатерална воена вежба позната како „Freedom Edge“, којашто веројатно повторно ќе испровоцира севернокорејско лансирање проектили.

Јужна Кореја во вторник ќе одржи и состанок на министрите за одбрана со земјите-членки на Командата на Обединетите нации (UNC), инаку без мандат од светската организација. Во август годинава Германија стана последната зема којашто се приклучи на UNC, која наводно помага во следењето на силно утврдената граница со Северна Кореја и вети дека ќе ја брани Јужна Кореја во случај на војна.

Северна Кореја ја критикуваше UNC како „нелегална воена организација“ и влегувањето на Германија во составот на тие сили предводени од САД, како зголемување на тензиите на поделениот Корејски полуостров.