Иако 37-годишниот шпански фудбалер Серхио Рамос изрази желба да се врати во Севилја, челниците на клубот од Андалузија, минатосезонскиот освојувач на Лигата на Европа, ја отфрлија таквата можност.
На фудбалерот кој во кариерата одигра дури 180 натпревари за шпанската репрезентаци му истече договорот со францускиот шампион Пари Сен Жермен и нема намера повеќе да остане во Париз.
Серхио Рамос пред неколку дена јавно изрази желба да се врати во Севилја каде би ја завршил својата успешна кариера. Пред да дојде во Реал Мадрид во 2005 година, Серхио Рамос го носеше дресот на Севилја, но тоа сега нема да се повтори.
„Серхио Рамос е прекрасен фудбалер и доаѓа од нашата фудбалска школа. Но, тој во моментов не е опција за Севилја, нема ништо меѓу нас и него“, изјави потпретседателката на Андалузијците, Марија дел Нидо Караско.
Серхио Рамос истакна дека би дошол во Севилја дури и за многу помала плата, но ваквиот развој на ситуацијата веројатно го насочува кон Интер Мајами, што е најреална опција за искусниот шпански дефанзивец во моментов.