Фудбалерите на Севилја се првите финалисти во годинешното издание на Лига Европа, откако во неделата вечерта во полуфиналето одиграно во Келн со 2:1 го совладаа Манчестер Јунајтед.
За шпанската екипа погодија Сусо во 26 и Лук де Јонг во 78 минута, откако англискиот претставник поведе уште во 9 минута кога пеналот го реализираше Бруно Фернандеш. За Манчестер Јунајтед ова беше 22-та реализирана најстрога казна, што е најдобриот резултат во сите пет најсилни лиги во Европа.
Манчестер Јунајтед поведе на самото отворање на натпреварот, Рашфорд влезе во шеснаесетникот се избори за шут кој беше блокиран, но откако англискиот напаѓач го упати ударот Диего Карлос го покоси па судијата Брих досуди пенал кој го реализираше Фернандеш. Иако „Црвените ѓаволи“ силно тргнаа во дуелот, веднаш по водството се повлекоа и ја препуштија иницијативата на Севилја, која го искористи тоа и во 26 минута израмни. На оваа акција ѝ претходеше судиски превид, зашто на половината на Севилја по грешка аут беше досуден во нејзина полза, по што следеше долго додавање за Регуилон на левата страна, а овој го следеше втрчувањето на Сусо на втората статива кој беше сигурен за 1:1.
Манчестер Јунајтед урагански го започна и вториот дел и во првите десетина минути создаде неколку одлични шанси, но се прослави голманот на Севилја, Буну кој во 46 минута имаше фантастична реакција на шутот на Гринвуд, а потоа во серија ги запра и опасните удари на Марсиал, Погба и Фернандеш. И откако благодарејќи на својот голман и среќата Севилја избегна повторно да има резултатско заостанување, Шпанците го умртвија темпото и во таква игра успеаја да дојдат до победоносниот погодок. Во 78 минута Мунир нафрли од десната страна а слабата реакција на Линделоф од зад грб ја пречека Де Јонг и смирено од пет метри го совлада Де Хеа. Јунајтед до крајот на мечот со стихијни неорганизирани напади безуспешно се обиде да израмни, но не создаде ниедна шанса.
Севилја ќе игра во фуналето во петок, повторно во Келн, против победникот од дуелот меѓу Интер и Шахтјор Донецк кој се игра во понеделник во Диселдорф.
Севилја ќе го игра своето шесто финале во Лига Европа, а во сите пет претходни победи во 2006, 2007, 2014, 2015 и во 2016 година.