Фудбалерите на Севилја изборија пласман во четвртфиналето на шпанскиот Куп на кралот (Копа дел реи) откако во средбата од осминафиналето на гостувањето го победија второлигашот Депортиво Алавес со 1:0.
Стрелец на победничкиот погодок за Севилја во 48 минута од натпреварот го постигна Иван Ракитиќ. Жезус Навас нафрли од десната страна а поранешниот хрватски репрезентативец со глава, покрај немоќниот Жезус Овоно. За Ракитиќ овој е првиот гол за Севилја од април 2022 година, а прв негов гол со глава по ноември 2020 година.
Севилја со оваа победа за малку ги залечи неуспесите сезонава, бидејќи тимот од Андалузија во моментов се наоѓа на претпоследното 19-то место со 15 бодови, два помалку од зоната на опстанок.
Во вториот дуел вечерва Реал Сосиедад, исто така, минимално со голот на Робер Наваро уште во 5 минута ја совлада Мајорка. Ова е осмата последователна победа на баскискиот тим во сите натпреварувања, пет во првенството и три во купот.
Во средата на распоред се четири натпревари: Спортинг Хихон – Валенсија, Атлетик Билбао – Еспањол, Реал Бетис – Осасуна и Леванте – Атлетико Мадрид.
Последните два натпревара се играат во четврток, а се среќаваат Сеута – Барселона и Вилјареал – Реал Мадрид.