Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне денеска изјави дека рускиот опозициски политичар Алексеј Навални платил со својот живот за отпорот на „системот на угнетување“.
-Алексеј Навални со живот плати за неговиот отпор кон системот на угнетување. Неговата смрт во казнената колонија не потсетува на реалноста на режимот на Владимир Путин, рече Сежурне во објавата на „X“.
Во име на Франција, тој изрази сочувство до семејството и роднините на Навални, како и до целиот руски народ. Канцеларијата на Федералната казнена служба на Русија за автономниот округ Јамало-Ненец објави претходно денеска дека починал Навални, кој таму издржувал затворска казна.
-Во поправната колонија број 3, осуденикот А. А. Навални се чувствувал лошо по прошетката и речиси веднаш ја изгубил свеста, се вели во соопштението на веб-страницата на затворот. Се додава дека веднаш пристигнале медицинските работници на установата и дека „повикана е Итна помош“.
-Извршени се сите потребни реанимации, но не дадоа позитивни резултати. Лекарите од итната помош констатирале смрт на осуденото лице. Се утврдуваат причините за смртта”, се вели во соопштението на Федералната служба за извршување на кривични санкции.
Навални беше познат како остар критичар на Кремљ.