Шаќири апелира учениците да се вратат во клупите и ветува зголемени плати во образованието

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири апелираше учениците да се вратат во училишните клупи, да не губат настава и најави дека денеска ќе испрати писмо до СОНК и неговото членство и изрази надеж дека ќе наиде на разбирање.

-Да им озвоможиме на учениците на време да ја завршат учебната година и да ја почнат подготовката или реализацијата на веќе зацртаните планови за нивната иднина, нагласи Шаќири, додавајќи дека тоа е наша законска, етичка и морална обврска.

Тој изрази надеж дека ако не од утре, тогаш од понеделник воспитно-образовниот процес ќе се нормализира.

-Учениците да се вратат во училишните клупи. Не смееме да дозволиме нов луксуз и учениците повторно да изгубат многу од настава. Тоа ќе создаде дополнителни празнини во знаењето кое понатаму тешко или воопшто не се надоместува. Затоа апелирам до сите општествени чинители, а особено до СОНК и до наставниците при сите одлуки кои ги носиме и постапки кои ги правиме да се водиме по најдоброто, најдобриот интерес на учениците е тие повторно да се вратат на настава во училиштата, да бидат меѓу своите врсници, рече Шаќири на денешната прес-конференција на платото пред Владата и додаде дека штрајкот е уставно и законски гарантирано право и целосно го почитува. Но, дека треба да се даде предност на социјалниот дијалог кој е најдобар механизам за надминување на несогласувањата и проблемите.

– Барањето за зголемување на платите на наставниците е лититимно и повисоки плати ќе има. Тоа е заложба на Владата и затоа е зголемена минималната плата на почетокот на минатиот месец, со која ќе се усогласат и сите останати, и оние во образование, каде дополнително ќе следи зголемување за одреден процент, за кој во моментов сме во преговори. Тоа е процес кој ќе продолжи и денес и утре, се до изнаоѓање конечно и прифатливо решение за сите засегнати, нагласи министерот.