Шаќири отпушти 30 хонорарци во МКЦ и ги откажа сите настани

Младинскиот културен центар во Скопје, од денеска нема да организира настани, а тие кои веќе биле договорени, се откажани. Оваа одлука на новиот директор, Арбен Шаќири,  е поради отпуштања на 30 хонорарно вработени лица во МКЦ, за што наводно имало директива од Државната комисија за спречување на корупцијата. Имено, од Антикорупциска било посочено дека во услови на изборен процес, не треба да се склучуваат договори со кои би се злоупотребиле буџетски средства.

Оттаму, поради отпуштањето на 30 хонорарци, од кои некои биле ангажирани и со повеќегодишни договори, всушност се оневозможува нормалното функционирање на установата, па затоа и се стопирани настаните кои требало да се организираат, откриваат вработени во МКЦ. Од отпуштените вработени се лица кои биле ангажирани за предавања во Планетариумот, технички лица за реализација на активности, кафулето е целосно затворено, затворена е и продавница за дискови, книги, ракотворби насловена АПоТЕКА, а, киното Милениум ќе работи со преполовена дејност.

„Од денеска во МКЦ повеќе нема да се организираат настани, или поточно нема да се реализираат во нормални услови или со нормален капацитет како во регуларна ситуација. Одлуката е базирана врз писмо со препорака доставено до МКЦ од страна на Комисијата за спречување на корупција во која се вели дека во тек на изборниот процес не смее да се склучуваат договори со кои би се злоупотребиле буџетски средства. Во суштина, договорите кои се прекинати воопшто не се поврзани со користењето на буџетските средства, туку се однесуваат на соработници кои генерираат приход и истите соработници се исплаќаат од генерираниот сопствен приход. Одлуката која ја донел директорот е еднострана и неоснована, уште повеќе штетна за институцијата која ако не работи во наредните неколку месеци, ќе се нанесе непоправлива штета на долг рок. МКЦ досега се соочил со мноштво изборни процеси во кои биле ангажирале лица согласно законските насоки. Дополнително, институцијата во 2023 е доведена во незавидна финансиска положба и без програмата која носи приход, е невозможно да се намалат милионските долгови продуцирани во толку краток период“, велат вработени во МКЦ, кои сакаа да останат анонимни.

За појаснување на одлуката за отпуштање 30 лица – хонорарно вработени во МКЦ, „Нетпрес“ се обиде да стапи во контакт со Шаќири, но неуспешно.

Арбен Шаќири беше назначен за директор на МКЦ во јануари 2024 година со одлука на Градоначалничката на Градот Скопје после неколку неуспешни обиди.