Оние самохрани родители што не успеаjа да аплицираат за поддршката од 6.000 денари, Владата ќе размислува да ги опфати во следниот период, со некоја нова мерка, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Според Шахпаска, ако продолжи корона кризата, догодина се очекува во системот за социјална заштита да влезат уште 6.000 семејства. Во системот моментно има 32.500 семејства што значи дека од февруари годинава кога биле 27.000, досега влегле нови 5.500.
Одговорајќи на новинарски прашања, Шахпаска соопшти дека вкупно 5.700 самохрани родители треба да ја користат поддршката од 6.000 денари, проектирана во четвртиот пакет антикризни мерки.
Благица Петрески од „Фајненс тинк“ напомена дека кризата ги извади на површина сите слабости во системот, но покажа и дека е неопходно преструктуирање на македонската економија.
– Научивме дека реформите не треба да бидат чести и брзи, туку можеби малку побавни но темелни. Ова ни е шанса и за економско реструктуирање, да дефинираме кој е моторот за економски раст. Ефикасноста на јавната администрација останува една од најболните точки на која мора да се фокусираме – истакна Петрески.