Шахпаска: Граѓанинот претставува стожер на социјалната реформа, ги унапредуваме и приближуваме социјалните услуги

Проектот за подобрување на социјалните услуги е проект на Министерството за труд и социјална политика кој го реализира со Светска банка и опфаќа две значајни компоненти, зголемување на социјалната вклученост на граѓаните во системот на социјална заштита. Првиот е, подобар пристап до парични надоместоци и услуги и вториот  проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание, односно поголем опфат на деца во предучилишното воспитание и изградба на нови и проширување на постоечките детски градинки, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во гостувањето на утринската програма на Националниот сервис.

Посочи дека социјалната реформа ги дава своите резултати. Изминатата година во време на пандемија со законски измени е зголемен опфатот на дополнителни 6 500 домаќинства, (приматели на гарантирана минимална помош), преку олеснети критериуми за влез во системот на социјална заштита, како и  зголемен детски и образовен додаток.

Во врска со Проектот за подобрување на системот на социјални услуги министерката Шахпаска посочи дека тој е заснован на неколку принципи кои претставуваат  темел на социјалната реформа. Тој претставува целосно менување на концептот во пристапот и давањето на социјалните права и услуги на граѓаните.

„Преку принципот на  плурализација, го вклучуваме невладиниот сектор, физички лица и  приватни субјекти, како даватели на услуги. Суштината е зголемување на  опфатот на даватели на услуги кои претходно поминуваат низ процес на обуки. Излегуваме од стариот систем на социјална заштита кога даватели на социјалните услуги беа Центрите за социјална заштита“, рече министерката Шахпаска.

Исчекорот со социјалната реформа , појасни министерката е и во тоа граѓаните да ги вадиме во  системот на социјална заштита преку  процесот на активација на пазарот на труд , преку индивидуален план за највработливиот член од семејтвото во ризик.

Министерката посочи дека преку децентрализацијата како процес на спуштање на социјалните услугите на локално ниво, општините се главните  носители на услугите кон граѓаните, со вклучување на граѓанскиот сектор. Притоа, го истакна значењето на вклучување на најтешко вработливите граѓани кои се дел од заедницата како даватели на услуги преку овој проект. Истовремено, се проширува и лепезата на социјални услуги, кои досега никогаш не биле достапни за граѓаните.

Граѓанинот претставува стожер на социјалната реформа. Сѐ што правиме и како Влада и како Министерство е да го олесниме животот на граѓаните,“ подвлече министерката Шахпаска.