Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска истакна дека состојбата во градинките е стабилна и дека се следи на дневно ниво. Последниот извештај покажал дека има само 20 позитивни случаи на позитивни на корона-вирусот од воспитувачите, негувателите и другите вработени, но не и на позитивни деца. Поради ваквите состојби, некои од градинките побарале зголемување на бројот на деца што можат да се згрижат особено во групите јасли за деца од 0 до 2 години, но за такво нешто, како што рече министерката ќе треба да одлучи Комисијата за заразни болести.
– Ние како дел од кризниот штаб секој понеделник поднесуваме извештај до владиниот кризен штаб во врска со состојбата за позитивни на коронавирус, како воспитувачи и негуватели така и за број на дечиња. Последниот извештај говори дека пандемијата е сведена на минумим што се однесува на објектите за сместување на деца во предучилишна возраст, односно во градинките и во дневните центри. Поледната бројка беше дека има 20 позитивни воспитувачи односно вработени, а немаше деца позитивни на коронавирус – рече министерката.
Со оглед на тоа што пандемијата во моментов стивнува, како што информира таа дел од градинките во земјава поднеле барање за зголемување на капацитетот, пред се во групите јасли, каде се згрижени деца од 0 до 2 години.
– Ние денеска писмено се обраќаме до Комисијата за заразни болести, затоа што сепак тие се најкомпетентни, го следат текот на болеста, не само на локално, регионално, туку и на светско ниво и од нив очекуваме одлука дали ќе има зголемување на опфатот на деца во групите јасли, но не и за другите – појасни Шахпаска.
Таа потенцира дека ваквата состојба во градинките упатува на констатацијата дека пандемијата не се шири внатре во нив и оти случаите кои се регистрирани се заразиле надвор.