Шаленберг: Билатералните и историските прашања треба да се надвор од преговарачкиот процес

Австрија е многу разочарана што не беше постигнат договор за почнување на преговорите со Северна Македонија бидејќи наш став е дека билатералните и историските прашања треба да бидат оставени надвор од процесот на преговори. Северна Македонија направи се што беше потребно за почеток на преговорите и мислам дека би било фер што поскоро да се случи, порача сојузниот министер за Европа и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг по средбата што во Виена ја имаше со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Ние, рече тој, сме многу разочарани што не постигнавме договор за почеток на преговорите до крајот на оваа година со Северна Македонија и Албанија.

– Од наша гледна точка, моја гледна точка тоа беше неопходно да се направи. Да бидам јасен, нашиот став е дека билатералните и историските прашања треба да останат надвор од преговарачкиот процес. Вие добро рековте дека процесот на проширување на ЕУ е процес на европеизација, а не на билатерализација и тоа така треба да биде. Ова беше нашата позиција и за прашањето за името со Грција додека тоа беше на агендата – рече Шаленберг.

Тој истакна дека Северна Македонија е земја модел што се однесува до процесот на пристапни преговори. Се направивте добро, рече тој, и додаде оти затоа е на став дека би било фер што поскоро да се отворат преговорите со ЕУ.

– Може да сметате на австриската поддршка што се однесува до ова прашање, бидејќи Западен Балкан е дел од нашата безбедносна, културна и економска политика. Ние не сакаме во иднина на југот на мапата на ЕУ да гледаме празен простор – рече австрискиот министер.

Тој нагласи дека Северна Македонија може да смета на австриска поддршка и во борбата против пандемијата и обезбедувањето на потребните вакцини. Ќе се потрудиме, потенцира Шаленберг, да направиме се вакцините да пристигнат во земјите од Западен Балкан во исто време кога и во земјите членки на ЕУ.

Средбата со Османи тој ја оцени како средба на пријателски земји во добри односи кои постојано се унапредуваат. Двете земји, рече, станаа уште поблиски по страшниот терористички напад што се случи во Виена на 2 ноември, заблагодарувајќи се притоа за иразите на поддршка и сочувство што Северна Македонија ги испрати до Австрија во моментите по нападот.