Во последниот натпревар во неделата во рамките на десеттото коло од германското фудбалско првенство, Шалк 04 на домашен терен беше поразен од Баер Леверкузен со 0:3, што е веќе 26-ти првенствен натпревар без победа.
„Аптекарите“ од Леверкузен дојдоа во водство уште во 10 минута со автоголот на Малик Тиав, а потоа прецизни беа и Јулијан Баумгартлингер во 67 и Патрик Шик во 78 минута. Шест минути пред третиот погодок за гостите, Шалке имаше шанси да намали на гол заостанување, но Стевен Скрбжиски не реализираше пенал.
Со оваа победа Баер Леверкузен се проби до второто место на табелата со 22 бодови, бод помалку од водечкиот Баерн Минхен, а бод повеќе од третопласираниот РБ Лајпциг. Шалке остана последен со само три бода.
Ова беше 26-от последователен првенствен натпревар во кој Шалке 04 нема постигнато победа, десет во оваа сезона и 16 минатата. Со тоа Шалке се доближува до рекордот на Бундеслигата кој го држи клубот Тасманија 1900 Берлин кој е згаснат во 1973 година. Неговата екипа според официјалните податоци на Бундеслигата во својата единствена сезона 1965/1966 година освоила само 10 бодови, со гол разлика минус 93, врзувајќи дури 31 натпревар без победа.
Претходно во неделата Штутгарт со 2:1 славеше на гости кај Вердер. Гостите поведоа во 30 минута кога пенал реализираше Силас Вамангитука, а истиот играч во првата минута од судискоро продолжение зголеми на 2:0, а за домашните две минути подоцна неколку секунди надеж врати Дејви Зелке.
Вердер моментално е 12-ти со 11 бодови, додека Штутгарт со 14 бодови дојде од осмото место. Нивните моментални позиции на табелата може да бидат променети во зависност од исходот на дуелот меѓу Хофенхајм и Аугсбург со кој во понеделник вечерта ќе биде заокружено колото.