Шамбевски: Младите сакаат да живеат во нормално општество, без говор на омраза и повик за линчување

Борис Шамбевски, претседател на Градскиот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот поткаст на УМС вели дека не смее да им се дозволи на одредени портали и луѓе како што тој ги нарече екстремисти да шират говор на омраза, како и да повикуваат на линчување и бесење.

„Овие луѓе и овие монструми требаше да останат на маргините на ова општество. И тоа е отровниот плод на едно отровно дрво кое што со години во оваа држава се гради. Ние треба да разговараме и околу отровното дрво бидејќи плодот беше јасен. За жал, згаснаа два човечки животи. Изразувам сочувство на семејствата. Но, тоа отровно дрво во оваа држава се потпомага, се финансира и му се дава ветер во грб. Тие екстремисти кои што се секогаш и секаде на маргините на општеството, они ги извадија во јавноста, во етерот и ги направија славни им дадоа простор да ја шират таа омраза, тие пувљотини да ги зборат, да повикуваат на бесење, на линчување“, рече Шамбевски.

Додаде дека тие не само што ги напаѓале политичарите како јавни личности, туку ги напаѓале и семејствата и децата повикувајќи на насилство врз нив.

„И не застанаа само врз напад на политичарите, туку почнаа да ги мешаат нивните семејства, без разлика од која партија доаѓаат. Се спомнуваат сопруги, деца и тоа со многу погрдни зборови со повикување на насилство кон нив“, рече уште Шамбевски.

Истакна  дека младите сакаат да живеат во општество во кое нема да им биде даден простор на екстремите да го шират говорот на омраза.

„Младите сакаат да живеат во нормално општество каде што вакви екстремисти нема да имаат простор во оваа држава нивната омраза да ја шират. И за тоа ќе се бориме и нема да дозволиме повеќе вакви луѓе да имаат простор ова да го зборат, додаде тој.