Кинескиот мегалополис Шангај објави во неделата дека ќе ги укине „неразумните“ ограничувања воведени поради Covid-19, додека главниот град Пекинг отвори делови од јавниот сообраќај, некои трговски центри и други места откако бројот на заразените се стабилизираше.
Шангај, кинескиот трговски центар со 25 милиони жители, од среда планира да го укине двомесечното „затворање“ кои сериозно му наштети на тамошното стопанство, поради што жителите загубија приходи, борејќи се да се снабдат со храна и да се справат со изолацијата.
Тешките забрани поради коронавирусот во големите кинески градовите се спротивни на трендовите забележани во западниот свет, кој силно се обидуваше да ја отвори економијата поради загубите, дури и кога бројот на заразените се зголемуваше.
Шангај, најнаселениот град во Кина, од први јуни ќе укине многу мерки за компаниите да можат да продолжат да работата. Градот, исто така, покрена мерки за поддршка на локалната економија, вклучително и намалување на некои даноци при купувањето автомобили, забрзување на издавањето на обврзниците на локалната самоуправа и забрзување на одобрувањето за проекти на пазарот на недвижнини.
„Целосно ќе го поддржиме и организираме продолжувањето на работата и производството во различните сектори на индустријата“, изјави заменикот градоначалник Ви Чинг за новинарите, додавајќи дека ќе бидат укинати „неразумните“ ограничувачки мерки за компаниите, но не даде поединости за тоа кои ограничувања ќе бидат укинати.
Претходно во неделата, портпаролката на градската влада Јин Ксин рече дека Шангај од среда ќе ги олесни барањата за тестирања за лицата кои сакат да влезат на јавните простори, за да се поттикне враќањето на работните места.
„Моменталната епидемиска ситуација во градот продолжува да се стабилизира и подобрува“, рече Јин додавајќи дека стратегијата на Шангај „тргнува кон нормализација на превенцијата и контролата“.
Во престолнината Пекинг на библиотеките, музеите, театрите и на салите за вежбање им е дозволено повторно да отворат во неделата, иако со ограничен број посетители, во окрузите во коишто седум дена со ред не е забележан ниеден случај на Covid-19.
Шангај во неделата пријави малку повеќе од 100 нови случаи на короназараза, додека Пекинг забележал 21, а и двата показатела се во согласност со трендот на опаѓање во целата земја.