Извршување на атентат врз поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ за да дојде до дестаблизиација на Србија и заработка од 7,4 милиони евра од продажбата на кокаинот на заштитениот сведок, наречен „манго лик“ и Генерал Папаја се само дел од обвинувањата кои наркобосот Дарко Шариќ ги изнесе на вчерашното судење пред Специјалниот суд.
Шариќ, во својот исказ јавно призна дека фамозниот генерал Папаја, кој повеќепати го спомена во текот на претходното судење, е Родољуб Рочко Миловиќ, началник на Управата на криминалистичката полиција во Србија.
„Од мене сакаа да направат нов водач на земунскиот клан, а најдобриот другар на Папаја е човекот кој всушност го створи земунскиот клан и кој од парите кои ги има земено од киднапирање ги купуваше машините за производство на кокаин“, рече Шариќ.
Тој додаде дека поради Миловиќ и неговите службени белешки, медиумите четири ипол години за него пишувале се најлошо.
„Со помош на тие белешки и записници, тие владеат веќе десет години“, додаде Шариќ.
Тој во приказната воведе и нов човек кој го нарече „манго лик“, а кој е, исто така, еден од добрите пријатели на Папаја.
„Тој е нов лик во овој стрип. Не сакам јас и моите пријатели да одговараме за 7.420.000 евра кои тој ги зема. Ако ми ги дал мене тие пари нека дојде и нека каже. Јас тврдам дека генерал Папаја е милионер“, додаде Шариќ.
Иако не прецизира на кого мислел кога зборува за „манго ликот“, сепак изворот на српски Курир, близок до Шариќ, открива дека се однесува на соработничкиот сведок Љубиша Буха Чумет.
Наркобосот исто така изјави и дека Миловиќ од него направил убиец и атентатор, а за три месеци, откако е во притвор, никој не дошол да го испита и да дознае каков бил планот за да се убие поранешниот претседател Борис Тадиќ со што би ја загрозил државната безбедност.
Миловиќ вчера не сакал да ги коментира обвинувањата од Шариќ, иако неодамна изјави дека би бил горд доколку се докаже дека тој е генерал Папаја, како што зборува Шариќ.