Шарл Мишел се заложи за испорака на тенкови во Украина

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска се заложи за испорака на тенкови и повеќе опрема во Украина со цел да се обезбеди уште посилен отпор на рускиот агресор.

– Ние во Европската Унија продолжуваме да ја поддржуваме Украина сè додека е потребно. Сега е време за повеќе опрема и јас лично сум за снабдување со тенкови, рече Мишел во говорот на пленарната седница на Европскиот парламент.

Во последно време се зголемува притисокот за снабдување со западни тенкови на Украина. Велика Британија најави дека ќе ги испрати своите тенкови „Челинџер 2“, а со тоа се отвора пат и Германија да ги испрати своите Леопарди.

Германскиот канцелар Олаф Шолц се спротивстави само Германија да испраќа тенкови и сега по британската одлука таа пречка е отстранета.

Либералниот пратеник од Белгија Ги Верхофштад објави дека 112 пратеници во Европскиот парламент побарале промена на стратегијата и испраќање тенкови и ракети со долг дострел во Украина.