Шаторите за мигрантите предизвикаа гнев, се заканува блокада на автопат во Австрија

Поставувањето на првите шатори за згрижување бегалци, поради пополнувањето на капацитетот, предизвика гнев во многу општини, пред се во Талхам во Горна Австрија. Општинските власти најавија блокада на автопатот за националниот празник на Австрија, 26 октомври. Врз основа на решението на министерот за внатрешни работи Герхард Карнер, досега се поставени 25 шатори во кои се сместени по осум лица.

По пет шатори има во Филах и Клагенфурт, во провинцијата Корушка, а другите 15 во Талхам на теренот на тамошниот прифатен центар за бегалци.

Карнер рече дека со шаторите сака да спречи „младите мажи кои немаат шанси за азил да седат пред училишта, градинки, плоштади, железнички станици“.

За нив е многу подобро да бидат сместени под шатори во области под управа на покраинската полициска управа“, објасни министерот, пренесува Танјуг.

Тој посочи дека е полесно да се постават шатори отколку контејнери, бидејќи за контејнерите е потребно одобрение од општинските власти, што, убеден е, нема да го добијат.

Поради неуспехот на многу провинции да примат бегалци, министерот Карнер одлучи да постави шатори во областите под управа на федералните власти, како што се прифатните центри.