Шефицата на германската дипломатија во Кина на разговори за војната во Украина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пристигна во четвртокот во Кина каде што во текот на дводневниот престој би требало да се сретне со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг а во фокусот на разговорите според најавата треба да биде војната во Украина.

„Тоа којашто улога Кина ќе ја преземе со своето влијание врз Русија ќе биде пресудно за идните односи на Европа и Кина“, изјави Бербок, од партијата Зелени пред заминувањето во Кина.

Бербок, чиишто изјави често се оценуваат за контроверзни и со недостиг од односи со реалностите, истакна дека војната во Украина ќе биде главната тема на нејзините разговори во Кина.

„Како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, Кина има посебна одговорност“, му порача на Пекинг шефицата на германската дипломатија.

Покрај со министерот за надворешни работи Чин Ганг, Бербок би требало да се сретне и со потпретседателот Хан Женг.

Патувањето на Аналена Бербок во Кина доаѓа по неодамнешната заедничка посета на азискиот гигант на францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, коишто, се чини, исто така безуспешно се обидоа да го притиснат Пекинг да заземе поостар став кон Русија поради војната во Украина и да ја поттикне на мировни преговори. И сето тоа откако ЕУ, САД и НАТО, како и самата Украина, го отфрлија мировниот план кој кон крајот на февруари го претстави кинескиот претседател Кси Џинпинг.

Посетата на Бербок, исто така, се случува и во периодот на ескалација на тензиите меѓу Кина и Тајван, кој Пекинг го смета за своја одметната покраина. Политичарите од германската владејачка коалиција изразија „увереност“ дека Бернок ма Кина „јасно“ ќе ѝ ги пренесе ставовите на Европската унија во врска со Тајван.

„Јас сум убедена дека министерката за надворешни работи нема да дозволи да биде ‘вртена околу малиот прст’. Во случајот на Макрон бомбардирањето со шарм на кинескиот државен врв очигледно даде резултат“, изјави потпретседателката на германско-кинеската парламентарна група Гиде Јенсен од либерал-демократската партија FDP.

Јенсен со тоа алудираше на изјавите на францускиот претседател Макрон, кој по враќањето од Кина изјави дека Европа не мора по секоја цена да го следи курсот на САД кога станува збор за Тајван.

Непосредно пред заминувањето на Бербок за Кина, кинеската влада остро ја критикуваше дискусијата до Германија за можното преземање на контејнерскиот терминал во пристаништето во Хамбург, во која на кинеската компанија Cosco ѝ беа дозволени 25 отсто од сопственоста иако бараше 35 отсто од уделот.

„Се надеваме дека германската страна ќе се откаже од политизацијата на една економска кооперација“ соопшти кинеската влада. Во истото соопштение се изразува надеж дека германската влада нема во прв план да ги стави прашањето на „идеологијата и безбедноста“.

Германската влада во меѓувреме контејнерскиот терминал во пристаништето во Хамбург го означи како чувствителен и клучен инфраструктурен објект. Поради тоа одново се преиспитува дозволата за влегување на кинеската компанија Cosco во сопственичката структура на операторот со пристанишниот терминал.