Извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF), Кристалина Георгиева, изјави дека има сѐ повеќе показатели дека САД ќе ја избегнат рецесијата годинава, како и дека ќе постигнат „лесно приземјување“ на својата економија.
За американските новинари Георгиева рече дека пазарот на трудот во САД останува отпорен, а побарувачката на потрошувачите посилна и покрај кревањето на каматните стапки од страна на централната банка Federal Reserve (Fed) со цел да се сузбие инфлацијата која достигна високи нивоа по повеќе децении.
Челничката на ММФ рече и дека се забележува „здраво“ придвижување од прекумерното купување стоки што го поттикнувало растот на цените, назад кон побарувачката на услуги, а во стопанството имало повеќе диверзифицирани извори на раст.
„Тоа дава некои аргументи за очекувањата дека САД ќе избегнат пад во рецесија. Всушност, би рекла дури дека и доколку бидат во техничка рецесија, таа ќе биде многу блага“, истакна Георгиева на својот прв брифинг за новинарите во 2023 година.
Наведе дека најавите за рецесија се обично предмет на интензивни дискусии, и истакна дека таа е наклонета кон сценариото за „меко приземјување“ за САД.
Во октомври ММФ прогнозираше раст на американскиот бруто домашен производ (БДП) во 2023 година од 1 отсто, а својата проекција треба да ја ажурира подоцна во јануари. Светската банка во вторникот прогнозираше за САД раст од 0,5 отсто годинава.