Севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи во понеделникот пристигнува во Русија на разговори со нејзиниот колега по должност Сергеј Лавров, додека двете земји ги продлабочуваат економските, политичките и воените врски што предизвикува нервоза меѓиу западните земји предводени од САД.
Во услови на продолжените засега неуспешни обиди на ткн колективен Запад меѓународно да ја изолира Русија поради нејзината војна во Украина, аналитичарите велат дека Москва гледа сѐ поголема вредност на нејзините врски со Северна Кореја.
Што се однесува до Северна Кореја, односите со Русија не биле секогаш толку топли како во екот на Советскиот сојуз, но земјата ги користи придобивките од потребата на Москва од пријатели. Северна Кореја во неделата тестираше нова хиперсонична ракета со цврсто гориво со среден дострел, објави државната новинска агенција KCNA, потег што го осудија САД, Јужна Кореја и Јапонија.
Тридневната посета на севернокорејската министерка доаѓа во време кога САД и сојузниците ја обвинуваат Русија за истрелување балистички ракети и користење на друго оружје од севернокорејско производство за напади врз цели во Украина, без досега да пружат докази за тврдењето.
Москва и Пјонгјанг ги негираа договорите за оружје, но ветија дека ќе ја продлабочат соработката во сите области и одржаа серија состаноци на високо ниво од минатата година, вклучувајќи го и самитот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Русија.
Впечатлив знак за продлабочување на врските меѓу двете земји дојде во јули, кога рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го посети Пјонгјанг и ја обиколи изложбата на оружје што ги вклучуваше забранетите балистички ракети на Северна Кореја. Потоа следеше патувањето на Ким во Русија, негова прва странска посета од почетокот на пандемијата на ковид-19.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека посетата ќе вклучи преговори, но не даде поединости. Таа, исто така, предвиде дека патувањето ќе предизвика шпекулации на Западот.