Директорката на американската Тајна служба Кимберли Читл поднесе оставка во вторникот, откако агенцијата се најде на ударот на критики затоа што не спречила напаѓач да го рани поранешниот претседател Доналд Трамп на предизборен митинг, објави американскиот претседател Џо Бајден и најави дека наскоро ќе именува нов челник на службата.
Тајната служба, која е одговорна за заштита на сегашните и поранешните претседатели на САД, се соочува со криза откако вооружен маж успеа да го застрела Трамп од покривот на објект на само 140 метри воздушна линија од бината на којашто републиканскиот претседателски кандидат се обраќаше на предизборен собир на отворено во Батлер, во сојузната држава Пенсилванија на 13 јули.
Читл се соочи со критики кога се појави пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом во понеделникот, одбивајќи да одговори на прашањата на фрустрираните пратеници за безбедносниот план за собирот и како полицијата реагирала на сомнителното однесување на напаѓачот.
Неколку републикански и демократски пратеници ја повикаа да поднесе оставка.
Куршум го закачи десното уво на Трамп, републиканскиот претседателски кандидат, а еден учесник на митингот беше убиен во пукањето. Напаѓачот, идентификуван како 20-годишниот Томас Крукс, беше убиен од снајперист на Тајната служба кој дејствуал од покривот на соседен објект.
Читл, која ја водеше агенцијата од 2022 година, им рече на пратениците дека ја преземала одговорноста за пукањето, нарекувајќи го најголемиот неуспех на Тајната служба откако тогашниот претседател Роналд Реган беше застрелан во 1981 година.
Тајната служба се соочува со истраги од повеќе конгресни комисии и внатрешна контрола од страна на американското Министерство за домашна безбедност. Претседателот Џо Бајден, кој се повлече од кампањата за реизбор, исто така, повика на независна истрага.
Голем дел од критиките се фокусираа на необезбедувањето на покривот на индустриската зграда каде напаѓачот лежел на околу 140 метри од бината каде што зборуваше Трамп. Покривот бил исклучен од безбедносниот периметар на Тајната служба за настанот, одлука која беше критикувана од поранешни агенти и пратеници.
Покрај тоа, се појавија низа сведоштва на очевидци кои тврдат дека ги предупредиле полицијата и Тајната служба дека на вооружен маж влегува во објектот а подоцна и дека се качил на покривот, но немало никакви реакции сѐ до истрелите. Медиумите во САД го поставуваат прашањето како снајперистите на Тајната служба не го забележале Крукс пред истрелите. Исто така, потрдено е и дека лица од кампањата на Трамп со седмици пред настанот барале да биде зајакното обезнедувањето на кандидатот, на што Тајната слижба се оглушила.