Шефот на грчката дипломатија во посета на Москва

Билатералните односи и нивното продлабочување, прашањата од регионален интерес како што се случувањата во Сирија, Блискиот исток и на Балканот, ситуацијата во Украина, кипарското прашање, активностите на Турција во Егејското море и во Источниот Медитеран, мигрантското/бегалското прашање, како и односите ЕУ- Русија, според грчкото МНР, се очекува да бидат темите за кои денес ќе разговараат министрите за надворешни работи на Русија и Грција, Сергеј Лавров и Никос Дендиас на нивната денешна средба во Москва, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервју за руската новинска агенција „РИА Новости“ во пресрет на посетата, шефот на грчката дипломатија вели дека цврст стремеж на Грција е дополнително зајакнување на добрите односи и релациите на соработка со Русија, „врз основа на взаемно почитување и еднаквост“.

-Потенцирам дека Грција и покрај проблемите што се појавија во минатото, остана стабилен соговорник на Русија, дури и за време на тешкото услови во однос на нејзините односи со Западот, како што беше во последните години. Впрочем, Русија е голема сила што игра важна улога на глобално ниво и секако во Југоисточна Европа и на Блискиот исток, области од наш интерес. Затоа сакаме дополнително да ги развиваме нашите односи, со цел да ја одржиме регионалната стабилност, особено во чувствителните околности, како што се сегашните, вели Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија, во интервјуто говори и за можностите за дополнителни инвестиции во Грција во инфраструктурата, транспортот и слично преку програмите за приватизација. За енергетиката вели дека „Русија е важен партнер за Грција со перспектива за понатамошно продлабочување на билатералната соработка“.