Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во саботата го посети сирискиот главен град Дамаск и инсистираше на потребата од прекин на огнот во Либан и во Појасот Газа.
„Најважното прашање денес е прекинот на огнот, особено во Либан и Газа“, им рече Арагчи на новинарите во саботата кога пристигна во Дамаск по посетата на либанскиот главен град Бејрут.
Тоа е прва посета на висок ирански функционер по смртта на проиранскиот лидер на шиитското движење Хезболах, Хасан Насрала на 27-ми септември во израелски напад во близина на Бејрут во кој беа убиени и ирански високи воени советници.
„Има иницијативи, консултации, кои се надеваме дека ќе бидат успешни“, рече Аракчи без дополнително појаснување.
„За жал, нападите и злосторствата на ционистичкиот режим (Израел) продолжуваат. Овој режим не знае друг јазик освен јазикот на силата, на војната“, додаде Арагчи, повикувајќи ја „меѓународната заедница да стави крај на овие злосторства“.
Париз и Вашингтон, на кои им се придружија арапските, западните и европските земји, во септември повикаа на итен прекин на огнот од 21 ден меѓу Израел и Хезболах во Либан за да „дадат шанса на дипломатијата“.
Според либански и француски извори, Насрала во тие преговори се согласил на прекин на непријателствата. Меѓутоа, Израел ја игнорираше оваа иницијатива и наместо тоа ги засили своите напади и го уби Хасан Насрала.
Ескалацијата на конфликтот во Либан се случи по една година прекугранични конфликти кои раселија десетици илјади жители во двете земји.
Според либанските власти, повеќе од 2.000 луѓе се убиени во Либан од октомври 2023 година, од кои повеќе од илјада се убиени од 23 септември. Либанската влада проценува дека 1,2 милиони жители се раселени.
Според официјалните податоци, од 23-ти септември повеќе од 300.000 луѓе, главно сириски шиитски бегалци, го напуштиле Либан и влегле во Сирија.