Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац во понеделникот повика НАТО да ја исфрли Турција од алијансата, по контроверзната изјава на нејзиниот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
„Во контекстот на опасната реторика на турскиот претседател Ердоган и заканите за напад на Израел, министерот за надворешни работи Израел Кац им наложи на дипломатите…итно да контактираат со сите членки на НАТО, повикувајќи на осуда од Турција и барање нејзино исфрлање од алијансата“, соопшти Министерството за надворешни работи на Израел.
Ердоган во неделата рече дека Турција може да влезе во Израел за да им помогне на Палестинците, како што тоа своевремно го стори во Либија и Нагорно-Карабах, спорната ерменка енклава во Азербејџан.
„Мораме да бидеме многу силни за Израел (во) Палестина да не може да го направи она што моментално го прави (…) Токму како што влеговме во Карабах и Либија, би можеле да им направиме нешто слично и ним“, рече турскиот претседател на митингот на владејачката партија Партија на правото и развојот (AKP) во црноморскиот град Ризе во говорот што го пренесуваа телевизиските станици.
Турскиот претседател не прецизираше каква интервенција има предивд, а претставниците на неговата партија не одговорија на прашања за поединости од неговата изјава.
Израел веднаш во неделата не ја коментираше изјавата на Ердоган.
Во 2020 година, Анкара испрати војници и воена опрема во Либија за да ја поддржи либиската влада на национално единство и нејзиниот лидер Абдулхамид ал-Дбеиба. Минатата година Турција негираше директна вмешаност во азербејџанската воена операција во Нагорно-Карабах, но нагласи дека го поддржува блискиот сојузник „со сите средства“, вклучувајќи обука и модернизација на армијата.