Директори, министри, функционери, разни раководни кадри, државни и локални функционери, но и партиски службаници на СДСМ, меѓу кои е и Мартин Попов, шефот на кабинетот на новиот премиер Димитар Ковачевски, со години паркирале бесплатно низ Скопје, користеле повластена позиција на сметка на граѓаните, а тоа им го овозможувале директорите на паркинзи од Демократскиот сојуз, обелодени во петокот портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Посочи дека скандалот покажува зошто власта е „одлепена од реалноста“, но и зошто Демократскиот сојуз е верен партнер на власта на СДСМ – ДУИ.
„Демократскиот сојуз како дел од колачот на власта, на подарок од СДСМ – ДУИ долгогодишно го имаше Јавното претпријатие Градски паркинг во свое владение, а за возврат обезбедувале привилегии, повластувања за функционери на власта. ЈП Паркинзи било претворено во своевиден штаб на Демократскиот сојуз, со тоа што службени возила, телефони и простории биле на дофат на партијата. Сето тоа наведува на сомнителни криминогени зделки“, оцени Стоилковски.
Објасни дека станува збор за повластувања за функционери на власта, односно бесплатен паркинг за нив.
„Јавно прашувам, дали на име на Борче Јакимовски доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, од плаќање паркинг ослободувал автомобили на функционери на СДСМ, од ДУИ, како и од Демократскиот сојуз?
Дали на име на Владимир Кроневски, член на претседателството на Демократскиот сојуз, воедно помошник директор на јавното претпријатие, од плаќања се ослободувани стотина автомобили на функционери од власта?“, праша Стоилковски.
Додаде и дека очекува одговор на прашањето дали и по кој основ од плаќање се ослободени возила да речеме на советникот и шеф на канцеларијата на Димитар Ковачевски, Мартин Попов, поранешниот директор на водовод Душко Вескоски ослободено возилото од плаќање, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, па и поранешниот градоначалник на Аеродром Златко Марин и неговото возило, како и други функционери од СДСМ. Дали е ослободен од плаќање и Агим, зад чиешто име стои името на Артан Груби?
„Оставам простор од 24 часа, за одговори од Демократскиот сојуз и од поранешното раководство на ЈП Паркинзи. Доколку молчат ќе ги објавиме списоците со сите регистарски таблички за привилегираните функционери, ослободени од плаќање паркинг во Скопје, а коишто до нас ги достави укажувач“, порача Стоилковски.